Маркетинг не е реклама или начин на рекламирање, тоа е една поширока филозофија на работење, начин на живеење на една компанија. Маркетингот е еден од четирите основни столбови што секоја компанија треба да ги негува – финансии, човекови ресурси, производствениот процес и четвртиот е маркетингот, беше истакнато на средбата за размена на искуства на тема Ефективна примена на маркетингот, што минатата недела се одржа во просториите на ЦЕЕД Македонија.
“Маркетингот ја диктира продажбата, значи прво треба да го познаваме пазарот, кои ни се потрошувачите. Четирите П, столбот на маркетингот, на кои треба да им обрнеме внимание се: Product (производ) – кој е мојот производ, што е мојот производ; Price (цена) – со која цена ќе го продавам производот; Place (место или дистрибуција) – како производот доаѓа до потрошувачот и Promotion (промоција) – комуникација, рекламирање, како да нè најдат, кои сме ние, кои вредности ги нудиме. Mаркетинг е познавање, контролирање, задоволување на овие 4П. Овие 4П мора да бидат во склад”, вели Ирена Јакимова, маркетинг консултант.
Маркетингот постои за да реши проблем или да задоволи некоја потреба. Најчесто маркетингот до луѓето допира преку емоции. На одлуките најмногу влијаат емоциите, ретки се моментите кога одлучува само цената.
“Во последните две години, во нашата компанија направивме маркетингот да ги диктира условите на комерцијата и да кажува што треба да се направи на пазарот”, рече Петар Наумовски, оперативен менаџер во Здравје Радово.
Кога се зборува за брендот, според Наумовски основата за градење на брендот е квалитетот.
“За мене бренд е кога ќе дојдете во ситуации да имате кризен момент, проблеми, ако имате силен бренд, ќе го издржите тоа”, додава Наумовски.
За Јакимова, нема временска рамка за тоа колку време треба за да се создаде бренд. Брендот се гради во зависност од тоа колку се вложува.
“Брендот треба да се доживува како градење на идентитет, градење на една личност. Брендот е име, слика, боја, заштитена марка. За бренд се врзуваш емотивно, подготвен си да платиш повеќе, да му простиш за грешка. Затоа треба да се вложува во брендот”, вели Јакимова.