Фото: Pexels
На обуките за маркетинг во CEED, многу зборувавме со компаниите за планирањето, за местото и улогата на маркетинг планот… Како рекле: ако не успееш да испланираш, планираш да не успееш…
Затоа е многу важно, особено пред почетокот на една нова година, да имаме план. За идната година. Ако го замислиме маркетинг планот како елка, да видиме како би го накитиле за да дојдеме до врвот!
Најпрво, на најдолните, најшироки гранки, да ја разгледаме, анализираме ситуацијата, пазарот, нашите клиенти и потрошувачи, индустријата во која работиме, конкуренцијата, трендовите… потоа да „подзачистиме“ внатре кај нас, во нашата компанија – да видиме кои ни се силните, а кои ни се послабите страни. Што можеме да сториме, каде можеме да подобриме? Редиме лампиони со сите овие одговори…
Да си ставиме по еден или повеќе лампиони за да ги опишеме нашите производи или услуги, за цените што сме им ги одредиле или за ценовната политика, потоа цел еден ред лампиони за нашата дистрибуција, односно, како нашите производи или услуги доаѓаат до нашите потрошувачи, преку кои канали… Како одиме нагоре, доаѓа и комуникацијата… Како нашата компанија, нашите производи комуницираат со нашите потрошувачи, со целата јавност? Што им ветуваат? Кои чувства и емоции им ги будат? Кои емотивни потреби им ги задоволуваат? Преку кои медиуми и средства комуницираат? Дали внимателно слушаат што им зборуваат потрошувачите?
Ако овие лампиони ги наредивме, да одиме нагоре со најсветлите – кои ни се целите за идната година – што сакаме со тој маркетинг план да постигнеме на пазарот, кои резултати да ги имаме на крајот на идната година? Дали е тоа поголема продажба? Ако е така, треба да е јасно изразено зголемувањето – што значи „поголема продажба“? Колку поголема? Во бројки, во проценти…Да пишеме на лампионот.
Можеби сакаме да освоиме нов пазар? Кој е тој нов пазар, каков е? Кои луѓе го сочинуваат тој пазар? Пазарот се луѓе со пол, возраст, навики, потреби, проблеми, животен стил… Тоа не е простор или тезга… Или, можеби, друга цел…
Ако сме ги избрале овие лампиони, тогаш одиме нагоре… Редиме лампиони за стратегија за настап и позиција на пазарот, па потоа за активности, и така натаму… Каков производ, која цена, како ќе дојде до потрошувачот? Каква комуникација?
Како одиме нагоре станува потесно, помалку лампиони, поконкретно… Тука редиме активности, кој ќе биде одговорен за што, кои буџети… еве го, при врвот е и календарот со временски распоред!
А, на самиот врв – врвот! Со која намера го правиме сето ова? Од што поголемо е дел нашиот маркетинг план? Што носи тој за животот и развојот на нашата компанија? На вработените? На нашите потрошувачи? На заедницата? Која е нашата мисија?
Да видиме уште од сега – кога ќе го реализираме, оствариме тој маркетинг план, што станало со нас, со нашата компанија? Во што пораснала, во што се развила? Кое е задоволството од остварените резултати?
И така, полесно ќе тргнеме напред во една нова година… Со еден нов план полесно ќе се движиме по патеката што сме ја зацртале… По патеката што ја води нашата компанија од местото каде што сме сега до местото каде што сакаме да бидеме.
Планот може и да се менува по пат, но, полесно е ако се има план. И ако тој план е убаво вклопен дел во мозаикот наречен компаниска стратегија за раст и развој.
И, да, секако за крај, важно е да го споменеме почетокот. Корените и саксијата во кои е засадена нашата елка – да резимираме што направивме, што успеавме оваа година. Што добивме? Што станавме? Од каде тргнавме? Колку постигнавме? Полевајќи ја земјата во саксијата, да се заблагодариме за сѐ што веќе го имаме и за она што идната година ќе го оствариме, за она во што ќе се развиеме. И како компанија, и како личности.