Наскоро македонските граѓани ќе можат да користат интернет на своето македонско кирилично писмо. Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет воведува нов национален кириличен домен.
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и директорот на МАРнет, Сашо Димитријоски, потенцираа дека целта е да се зачува националниот идентитет преку користење на домени на својот мајчин јазик, за што се заложуваат и најголемите земји во светот.
“На официјалната веб страна на МАРнет (www.marnet.mk), е поставен прашалник за тоа кој кириличен домен најадекватно би ја претставувал Македонија во меѓународниот интернет простор. Предлозите од македонските граѓани ќе можат да се испраќаат до 3 декември оваа година, кои потоа ќе бидат разгледани од страна на МАРнет и ќе се одредат низите кои ги задоволуваат пропишаните технички критериуми”, изјави министерот Ивановски.
Според условите, низата на карактери која го означува интернационализираниот врвен домен мора доследно да го претставува името на соодветната земја или територија, како и нејзините специфичности.
По завршување на процесот на гласање на веб страната на МАРнет, кој ќе трае еден месец, предложената низа која ќе освои најголем број на гласови ќе биде ставена во официјалното барање за започнување на процесот за добивање на врвниот кириличен домен за Република Македонија, кое ќе биде поднесено до ICANN.
Досега само Русија, Србија, Казахстан и Монголија имаат воведено кириличен домен во интернет просторот. Македонија ќе биде петта земја која ќе има кириличен домен на интернет.