Мартенс: Германските инвеститори ќе продолжат со проширување на своите инвестиции во земјава

48

Германските инвеститори во земјава ќе продолжат со проширување на своите инвестиции а во најава се и нови  компании од ИТ секторот, услужната дејност,..”Покрај нови инвестиции, во моментов германските инвеститори кои веќе работат во земјата се во фаза на реинвестирање во нови производни капацитети, заклучно можам да кажам дека ќе следи тренд на зголемување на веќе постоечките инвестиции во земјата”, вели во интервју за Локално.мк директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс.

Дали некој ќе инвестира тука според него, зависи од многу фактори, од побарувачката, од непредвидливи ситуации како застој во синџирот на добавувачи предизвикан од недостиг на чипови за автомобилската индустрија но најзначајно прашање вели е расположивоста на стручен кадар. “Компаниите се постојано во потрага по квалификуван кадар. Овој фактор сè уште е голем предизвик за компаниите, а воедно и ризик”.

Во пандемијата германските инвеститори не го намалија бројот на работници, дециден е Мартенс, туку  свесни дека перосналот е клучен, заедно чекореа.

”Нивна заедничка цел е раст и развој и доколку погледнеме на периодот што следи, целта е зголемување на бројот на вработени во фабриките”. Во очекување да се зголеми процентот на вакцинирани лица за да не дојде до ограничување на можностите за патување, Мартенс заклучува-“Бизнисот ќе биде погоден доколку можностите за патување се ограничени, бидејќи и новите инвестиции, но и извозот зависат од можностите за патување. Забраната за патување може да предизвика и застој при инсталирање на нови машини кои се потребни за нови производни линии, а тоа ќе резултира со застој во производството”.

Мартенс вели дека германските инвеститори во земјата ќе продолжат со проширување на своите инвестиции, но во земјата ќе дојдат и нови инвестиции.

“Компании од ИТ-сектор, компании од услужна дејност, call центри, компании со средна големина. Два значајни фактори ќе имаат силно влијание во следните десет до дваесет години на синџирот на добавувачи. Едниот е Green deal политика во чиј фокус е постигнување на  CO2 неутрално производството, вториот фактор се промените кои ќе следат во синџирите на добавувачи, компаниите-добавувачи сакаат да се доближат до своите купувачи. Законот за грижа за синџири на добавувачи ќе има измени во Германија, измените ќе доведат до тоа да се спроведе оценување на добавувачите, компаниите производители ќе се префрлат во земји во кои постои задолжителна законска обврска за исполнување на сите етички, социјални стандарди во производството. Тука држава како Северна Македонија може да направи позитивен развој и има големи шанси во привлекувањето на нови инвестиции“, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс.