
Доколку TikTok не успее да се одбрани од контроверзната забрана во Америка, кинеските власти исто така ја проценуваат потенцијалната опција која вклучува преземање на американскиот бизнис од страна на Илон Маск, според добро информирани извори на кои се повикува Блумберг.
Официјалните лица во Пекинг силно претпочитаат TikTok да остане во сопственост на неговата матична компанија, ByteDance, а компанијата ја оспорува претстојната забрана со жалба до Врховниот суд на САД.
Сепак, за време на сослушувањето на 10-ти јануари, судиите посочија дека најверојатно ќе го поддржат законот. Високи кинески претставници веќе почнаа да ги разгледуваат резервните опции за TikTok, како и можностите за соработка со администрацијата на Доналд Трамп. Една од тие опции го вклучува Маск, рекоа извори кои побараа анонимност, ексклузивно објави Блумберг.
Потенцијален договор со еден од најблиските соработници на Трамп е многу привлечен за кинеската влада, што може да има влијание врз евентуалната продажба на TikTok, велат изворите. Маск инвестираше повеќе од 250 милиони долари во поддршка на кампањата на Трамп и беше предложен за важна улога во подобрувањето на владината ефикасност откако републиканците ќе ја преземат власта.
Според едно сценарио што го дискутира кинеската влада, „Х“ на Маск, порано Твитер, ќе ја преземе контролата врз американскиот „ТикТок“ и ќе ги води двата бизниси заедно, велат изворите.
TikTok, со повеќе од 170 милиони корисници во САД, може да ги зајакне напорите на X да привлече огласувачи. Кинеските власти сè уште не постигнале консензус за тоа како да му пристапат на прашањето, а дискусиите сè уште се прелиминарни, велат изворите.