
Илон Маск, сопственикот на СпејсИкс, Тесла и „X“, објави дека планира да ја тужи Епл поради тоа што не ги ставиле „X“ и четботот „Грок“ меѓу најпрепорачаните апликации во нивниот „Ап стор“.
„Еј „Епл Ап стор“, зошто одбивате да го ставите „X“ или „Грок“ во вашиот дел „Задолжително“ кога „X“ е апликација за вести број еден во светот, а „Грок“ е број пет меѓу сите апликации? Дали играте политика? Што добивате? Љубопитните умови сакаат да знаат”, напиша Маск.
„Грок“ е сопственост на стартапот за вештачка интелигенција на Маск, хАИ. Според него, „Епл се однесува на начин што спречува која било фирма за вештачка интелигенција, освен ОпенАИ, да достигне број еден во „Ап стор“, што е јасно кршење на антимонополските закони”.
Маск најави дека „хАИ ќе преземе итни правни мерки“, без да даде дополнителни појаснувања. Епл веќе се соочи со серија антимонополски тужби во изминатите години.
Во април, Европската комисија му додели казна од 500 милиони евра на Епл за прекршување на обврските според Законот за европски дигитални пазари. Во тој случај, проблемот повторно беа неправедните услови во „Ап стор”, каде Епл им забранува на креаторите на апликации да ги информираат корисниците за алтернативни и поевтини понуди надвор од „Ап стор”. Корисниците не можат целосно да ги искористат тие поволности, бидејќи Епл им забранува на програмерите директно да ги известуваат за таквите опции.











