Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, продаде уште 934.090 акции, или околу 1,02 милијарди долари во акции во компанијата за електрични автомобили и неговата компанија за соларна енергија, покажуваат финансиските податоци објавени доцна синоќа на Волстрит.
Во исто време, Маск ги искористи опциите за купување на скоро 1,6 милиони акции на Tesla по фиксна цена од 6,24 долари по акција, кои му беа доделени како надокнада во пакетот за компензација во 2012 година, бидејќи тој не добива плати и парични бонуси.
Користејќи ги опциите, кои истекуваат следната година, Маск го зголеми својот удел во Tesla овој квартал од околу 170,5 милиони акции на над 177 милиони акции, објави Wall Street Journal.
Шефот на Tesla почна да продава акции на 8 ноември. На почетокот на ноември, Маск анкетираше милиони свои следбеници на Твитер, прашувајќи ги дали да продадат 10 отсто од акциите на Теsla,а тие гласаа за.
Неодамна на Твитер објави дека ќе го плати највисокиот данок во историјата на САД, во износ од над 11 милијарди долари. Оваа година акциите на Tesla пораснаа за повеќе од 54 отсто, со што Маск стана најбогатиот човек на светот. Според проценките на Форбс, неговото нето богатство сега надминува 275 милијарди долари, врз основа на сопственичкиот удел во Tesla и вселенската компанија SpaceX.











