Маск се откажа од купување на Твитер

110

Милијардерот Илон Маск, ќе ја раскине понудата од 44 милијарди долари за купување на Твитер, со тврдење дека биле прекршени повеќе точки од договорот, пренесе Би-Би-Си.

Оваа информација е последна во долгата драма која трае од април околу преземањето на социјалната мрежа од најбогатиот човек во светот.

Маск вели дека се откажал од намерата бидејќи Твитер не обезбедиле доволно информации за бројот на лажни профили на мрежата. Од Твитер, пак, велат дека ќе покренат правен процес за да се спроведе договорот.

„Управниот одбор на Твитер е посветен на продажбата по цената и условите кои се договорени со господинот Маск“, напиша директорот на платформата, Брет Тејлор, што отвора можност за долга правна битка меѓу двете страни.

Првичниот купопродажен договор вклучуваше и сума од 1 милијарда долари доколку некој од страните го раскине договорот.

Во мај Маск соопшти дека договорот е привремено ставен во мирување во чекање на податоците за лажни и „спам“ профили на Твитер. Тој побара докази кои ќе го потврдат тврдењето на компанијата дека ваквите профили сочинуваат помалку од 5% од целокупниот број на корисници на социјалната мрежа.

„Спам“ профилите се дизајнирани да шират информации до голем број луѓе преку манипулативни начини на кои тие ја користат платформата. Во четвртокот, Твитер соопшти дека отстрануваат околу 1 милион вакви профили секојдневно.

Маск верува дека лажните профили сочинуваат повеќе од 20% од корисниците на Твитер.

Акциите на Твитер паднаа за 7% по оваа информација за откажувањето од преземањето на компанијата од Маск.