Маск: Tesla деноноќно ми е на ум, Twitter ми одзема помалку од 5% од времето

50

Извршниот директор на Tesla Inc. Елон Маск рече дека „Tesla му е на ум 24 часа на ден, седум дена во неделата“, обидувајќи се да ги ублажи стравувањата кај инвеститорите дека договорот за стекнување на социјалната платформа Twitter го одвлекува вниманието од неговата основна дејност со електричните автомобили.

Тој објави смешен колаж на Twitter, на кој се гледа како маж по име Маск зјапа во жена во црвен фустан, идентификувана како Twitter, додека шета со својата девојка (Tesla). Можеби работите изгледаат вака, но тоа не е вистина, изјави најбогатиот човек на планетата, цитиран од Ројтерс.

„Да бидам јасен, трошам помалку од 5% од моето време на купување на Twitter. Ова не е ракетна наука!“, гласи неговиот твит.

Претходно оваа година, Tesla официјално ја отвори својата нова фабрика за автомобили во Остин, Тексас, а вселенската технолошка компанија на Маск, SpaceX, ја претстави локацијата за лансирање ракети Starbase во Бока Чика, исто така Тексас.

Акциите на Tesla изгубија една третина од својата вредност откако милијардерот ја претстави својата намера за Twitter на почетокот на април и продаде акции во вредност од 8,5 милијарди долари на производителот на електрични автомобили, кој требаше да помогне во финансирањето на неговото купување на социјалната платформа за 44 милијарди долари.

На акциите на Tesla, исто така, негативно влијаат тековните мерки за коронавирус во Кина, кои ја замрзнаа локалната деловна активност, отежнувајќи ги распоредите за производство во фабриката во Шангај.