Маск тврди дека го ограничил интернетот во Украина за да спречи Трета светска војна

30

Илон Маск верува дека ограничувањето на SpaceX (Starlink) на употребата на сателитскиот интернет сервис од страна на украинската војска за контрола на беспилотни летала е неопходно за да се спречи конфликтот да ескалира во светска војна.

„Старлинк е комуникацискиот столб на Украина, особено на првите линии на фронтот, каде што е уништена речиси целата друга интернет конекција. Но, нема да дозволиме ескалација на конфликтот што може да доведе до Трета светска војна“, напиша Маск на Твитер како одговор на барањето на поранешниот астронаут на НАСА за враќање на целосниот пристап до интернет за украинските сили.

Американската вселенска компанија, основана од Маск, ја користи својата услуга Старлинк за да и обезбеди пристап до интернет на Украина од почетокот на конфликтот, бидејќи инфраструктурата на Украина е тешко оштетена од руските напади.

Минатата недела, извршната директорка на SpaceX, Гвин Шотвел, рече дека услугата, која ја користеле украинските сили за контрола на беспилотни летала, „никогаш не требало да биде вооружена“, додавајќи дека компанијата презела чекори за ограничување на неговата употреба, без да прецизира какви мерки се преземени.

Оваа вест предизвика галама во Украина, а советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак напиша дека компаниите мора да одлучат дали се „на страната на Украина и правото на слобода“ или „на страната на (Русија) и нејзината „право“ да се убиваат и ограбуваат територии“.