МаSWA ја вмрежи Македонија во светските текови за управување со отпад

67

novo-jabolce1-543x370

Од 28 до 30 октомври 2014 година, Македонската асоцијација за цврст отпад – МаSWA беше домаќин на Инаугуративна свеченост и Конференција на тема “Вмрежување на Македонија во светските текови за управување со отпад”.

На конференцијата беше поздравено приклучувањето на Македонија кон мрежата на Меѓународната организација за цврст отпад ISWA – International Solid Waste Association, во која нашата земја ќе стане полноправна членка на почетокот на следната година.

“Приклучувањето на Македонија кон Меѓународната организација за цврст отпад ISWA значи дека сега имаме можност да ги следиме европските и светските текови за згрижување и управување на отпадот, со што ќе добиеме поздрава животна средина. Со самото приклучување кон оваа организација, го добиваме целото искуство и сета помош од експерти од оваа област и што е најважно, добиваме помош да воспоставиме систем за управување со отпад во Македонија”, изјави претседателот на MaSWA, Даниела Нелепа Дамеска на отворањето на конференцијата.

Претседателот на романската асоцијација за цврст отпад и член во бордот на ISWA, д-р Алексеј Атудореи изрази задоволство од посветеноста на MaSWA  на овој проблем, а по него, свои искуства со управување на отпад, моменталната состојба во земјите од кои доаѓаат и проблемите со кои се соочуваат споделија претставници од Босна и Херцеговина, Грција, Португалија, Франција, Унгарија, Србија и Белгија.

Македонската асоцијација за цврст отпад – МаSWA е формирана во декември 2013 година од шест правни лица, како невладина и непрофитна организација, со цел промовирање на одржлив развој и реализација на одржливо управување со отпадот во Македонија, земајќи ги предвид клучните принципи на Европската Унија. Веќе следната година МаSWA аплицира за полноправно национално членство во Меѓународната организација за цврст отпад ISWA – International Solid Waste Association и на Интернационалната годишна конференција на ISWA во Сао Паоло Бразил, септември 2014 година, МаSWA добива позитивна оценка за членство.

Во согласност со овој мандат, МаSWA е официјален национален претставник на ISWA за Македонија и членка на ISWA Regional Development Networks кој ја покрива југоисточна Европа, Блискиот исток и Медитеранот.

Македонската асоцијација за цврст отпад е отворена за нови членови, идеи, проекти, стручни лица, научници, професионалци од проектантски, урбанистички, консултантски компании, институти, менаџери на компании и јавни претпријатија, кои се занимаваат со различни аспекти со постапување со отпад.