Мате Римац има нова идеја – Наскоро ќе понуди и бензински пумпи?

106

Мате Римац презентираше неколку нови идеи на самитот за иднината на автомобилската индустрија организиран од Фајненшл Тајмс.

Римац, кој е косопственик на компанијата Bugatti-Rimac, има идеја да им олесни на сопствениците да ги полнат своите автомобили на бензин дома.

Овој претприемач и иноватор истакна дека верува оти моторите со внатрешно согорување имаат уште долга иднина, пренесува Индекс. Можеби не со горивата што ги користиме денес, но дефинитивно иднината ја гледа во синтетичкото гориво.

„Тие би користеле синтетички горива“
„Можеме дури и да направиме убави бензински пумпи за Bugatti, во домовите на сопствениците, користејќи синтетички горива“, рече тој, според Supercarblondie.

Спомнувањето на синтетички горива од Римац не е изненадување. Порше, која поседува 45 отсто од Бугати-Римац, има фабрика за ваков тип на гориво во Чиле. Синтетичките горива се произведуваат од јаглерод диоксид кој веќе е во атмосферата, но и со помош на енергијата на водата и ветерот, што ги прави моторите со внатрешно согорување речиси неутрални за CO2.

Затоа не би било невообичаено таквите горива да ги напојуваат новите и постоечките Bugatti. Римац претходно објави дека следниот хиперавтомобил Bugatti, чија премиера ќе биде на 20 јуни, ќе биде придвижуван од V16 бензински мотор.