Поранешниот претседател на Управата на Заваровалница Триглав, Матјаж Раковец поднесе тужба против оваа компанија, јавуваат словенечките медиуми. Тој бара поништување на одлуката на надзорникот за неговото разрешување, поништување на уписот на промената за претседател на управата во судскиот регистар и исплата на оштета во износ од 516.000 евра. Раковец бара компанијата да го повика назад на функцијата претседател на Управа и да му признае вршење на должност за време на незаконската смена.
Во мај годинава, Надзорниот одбор на најголемата словенечка осигурителна куќа Триглав го разреши претседателот на Управата Матјаж Раковец, откако Агенцијата за надзор на пазарот за хартии од вредност покрена прекршочна постапка против Триглав и Раковец поради сомнение дека се злоупотребени доверливи информации. Имено, Раковец во интервју за хрватски Јутарњи лист најави дека оваа година планира да предложи исплата на рекордна дивиденда од 22,7 милиони евра (едно евро бруто по акција), а дури два дена подоцна информацијата беше објавена на интернет страната на Љубљанска берза, која е првото место за објавување на такви податоци.