МБСК: Економска соработка, креирање заеднички производи и освојување трети пазари

48

biznismeniМакедонија и Бугарија мора повеќе да ја развиваат економската соработка, да остваруваат поинтензивна трговска размена, да креираат заеднички производ и да освојуваат трети пазари, се заклучоците од годишното собрание на Македонско – бугарската стопанска комора (МБСК).

Лошата и недоволна развиеност на инфрастуктурата, како што беше истакнато, се клучните за ниската трговска размена меѓу двете земји.

„Владата објави рестартирање на обновата и изградбата на железничката пруга Куманово – Гуешево. Но, ние мислиме дека е побрзо и поефикасно да се изгради автопат кон Софија. Тоа е заеднички инвестициски проект што би имал економска одржливост и исплатливост и би придонел за раздвижување ма економскиот развој и трговската размена“, рече Зоре Темелковски, претседател на МБСК.

Тој потенцираше дека приоритетите на комората во следниот период се обезбедувањето услови за заедничка енергетска политика, формирање заеднички инвестициски фонд за кредитирање на извозно-ориентираните компании и иницирањето интензивни деловни комуникации преку организирање бизнис форуми.

„Мораме од нашиот источен сосед да направиме вистински лобист не само за евроинтеграциите, туку и за достапност на големите фондовски потенцијали за кредитирање и искористеност на средства од Европската комисија“, посочи Темелковски.

Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија во 2013-та година била 690,7 милиони долари, што е речиси скоро како и претходната година.