McCann Worldgroup е прогласена за агенциска мрежа на годината на Меѓународниот фестивал на креативноста во Кан – Cannes Lions 2019. Глобалната група агенции, која освои вкупно 73 лавови за креативни дела од сите свои дисциплини и од сите региони, прогласена е и за мрежа на годината за Healthcare, каде што McCann Health Кина беше повеќекратно наградена како агенција на годината за Healthcare, стои во соопштението.
“Многу сме горди што годинава во Кан беше препознаена нашата креативна работа од многу земји, за многу клиенти и од различни дисциплини, и тоа низ сите платформи и категории на Лајонс. Благодарејќи на инспиративното раководство на Роб Рајли (глобалниот креативен претседател), нашиот неверојатно разновиден, талентиран и креативен тим го движи напред нашиот бизнис, како и нашите клиенти, со автентични резултати“, рече Харис Дајмонд, претседател и извршен директор на McCann Worldgroup.
Глобалното признание за мрежата на McCann во Кан беше проследено со веста од пред два месеци, дека McCann Worldgroup е прогласена за најкреативната ефикасна агенциска мрежа според глобалниот индекс Еffiе за 2019 година, а со тоа втора година по ред ја потврди својата лидерска улога во ефикасноста.
“Ова е фантастичен успех за McCann Worldgroup и горди сме што сме дел од најдобрите агенциски мрежи во светот. За мене лично, овој момент има дополнителна емотивна вредност со оглед на тоа што точно пред десет години нашата агенција McCann Скопје го донесе првиот златен лав за McCann и еден од првите лавови во овој дел од Европа, а со тоа го отвори патот на целата креативна индустрија во овој регион. Како и сите награди, и овој успех на нашата мрежа поставува ново скалило и нè обврзува на нови резултати и награди, а знаејќи ги проектите на кои работиме оваа година, со нетрпение го очекуваме Кан 2020“, изјави Владимир Димовски, главен извршен директор на McCann Adriatic.
Освен титулите Мрежа на годината и Агенција на годината што ги донесе McCann Health, повеќе компании од групацијата McCann Worldgroup, покрај агенцијата McCann, освоија лавови оваа година. Momentum Worldgroup во Њујорк и во Торонто освоија Гран при во категоријата „Industry craft“, а лавови освоија и MRM//McCann и Weber Shandwick. Многу од овие награди се освоени за глобалните мрежи на клиенти, вклучувајќи ги Кока-Кола, ГСК, Лореал, Мајкрософт/Иксбокс, Нестле/Пјурина и РБ, како и за големите регионални огласувачи, како што е Веризон, но и за разни локални клиенти.