McDonald’s ќе ги затвори своите 850 ресторани за брза храна во Русија, пишува „Блумберг“. Сепак, оттаму соопштија дека ќе продолжат да плаќаат 62.000 вработени во земјата кои „го вложуваат срцето и душата во нивниот бренд“.
Извршниот директор Крис Кемпчински рече дека нивните вредности се такви што не можат да го игнорираат непотребното човечко страдање што се случува во Украина. Тој рече дека е невозможно да се знае кога повторно ќе ги отворат рестораните. „Блумберг“ пишува дека McDonald’s може да биде значително погоден од овие затворања.
Неодамна во финансиски поднесок објавија дека нивните ресторани во Русија и Украина придонесуваат со околу девет отсто од нивниот годишен приход, што е околу две милијарди долари. За разлика од другите франшизи, како што се KFC и Burger King, кои имаат франшизи во Русија, McDonald’s поседува 84 отсто од своите локации во земјата.
Притисокот врз McDonald’s е голем во последните денови бидејќи не се огласуваше, откако други големи компании се повлекуваат од Русија. Но, Coca-Cola и Pepsi се уште не се повлекле.