Меѓународниот Aеродром Скопје рангиран меѓу Топ 10 аеродроми во Источна Европа

Реномираната авијациска организација Скајтракс (Skytrax) го пласираше Меѓународниот Аеродром Скопје, раководен од ТАВ Македонија, дел од ТАВ Аеродроми, меѓу првите десет аеродроми во регионот на Источна Европа, во склоп на нивната програма наречена Светски Аеродромски Награди (Skytrax World Airport Awards).

Признанијата кои Скајтракс ги дава врз основа на гласовите на патниците, беа објавени на авијацискиот саем Passenger Terminal Expo кој беше одржан во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа повеќе од 2.000 професионалци од авиоиндустријата, од над 120 држави ширум светот.

Најдобрите аеродроми во Источна Европа за 2025 година, според Скајтракс се: 1. Будимпешта; 2. Софија; 3. Тбилиси; 4. Талин; 5. Рига; 6. Кутаиси; 7. Белград; 8. Букурешт; 9. Батуми; 10. Скопје, извести денес во соопштение ТАВ Македонија.

“Како ТАВ Македонија оваа година ја славиме нашата 15-годишнина, што значи дека веќе 15 години посветено работиме со цел да им го понудиме најдоброто патничко искуство на нашите патници.” Во рамки на Светските Аеродромски Награди на реномираната организација Скајтракс оваа година со Меѓународниот Аеродром Скопје влеговме меѓу најдобрите десет аеродроми во Источна Европа.

“Навистина сме среќни поради ова признание и ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на аеродромските услуги и целокупното патничко искуство,” изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Покрај Меѓународниот Аеродром Скопје, уште седум други аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, беа препознаени меѓу врвните аеродроми во светот, во склоп на наградите Skytrax World Airport Awards. Тоа се аеродромите во: Алмати – Казаxстан, Анкара и Измир – Турција, Батуми и Тбилиси – Грузија, Рига – Латвија и Медина – Саудиска Арабија.

Наградите на Скајтракс (Skytrax), познати како Светски Аеродромски Награди (World Airport Awards), се определуваат преку резултатите од анкетата за мислењето на патниците, која беше реализирана од август 2024 до февруари 2025 година, односно во период од шест месеци. Притоа, луѓе од над 100 различни националности оценуваа 575 аеродроми во светот, преку клучни индикатори за квалитет, покривајќи го патничкото искуство од услугите и од производите кои се достапни на аеродромите.

Светските Аеродромски Награди се независна програма на авијациската организација Скајтракс кои функционираат од 1999 година и претставуваат глобален стандард за извонредност на аеродромите.