Меѓународен конзорциум понуди 227 милиони евра за косовскиот телеком

38

Kosovo TelecomМеѓународен конзорциум во петокот понудил 227 милиони евра за контролниот удел од 75% во косовското државно телекомуникациско претпријатие ПТК, што е втор обид на владата во Приштина да ја продаде најпрофитабилната фирма во земјата.

Конзорциумот го сочинуваат меѓународна инвестициска компанија со седиште во Германија, ACP Axos Capital Gmbh и инвестициска компанија со седиште во САД, Najafi Companies, а партнер им е British Telecom Group, објави Бурим Гашани од државната агенција за приватизација. Вториот понудувач, либански M1 International Ltd. понудил 150 милиони евра за косовскиот оператор, додава Гашани.

Косовската влада планира да задржи 25% удел во претпријатието уште најмалку пет години и нема веднаш да донесе одлука за новата понуда, изјави министерот за економија Бесим Бекај.

ПТК има преку милион претплатници на услуги во мобилната телефонија, 100.000 претплатници во сегментот на фиксна телефонија, а пружа услуги на пристап до интернет и кабелска телевизија. Во приватизацијата не е вклучен огранокот за поштенски услуги. Конкурент на ПТК е локалниот огранок на Словенија Телеком.

Првиот обид за продажба на ова претпријатие во 2011 година заврши со неуспех поради корупцискиот скандал во кој беа вмешани високи претставници од компанијата.