Меланија Трамп – безволната прва дама на САД

254

Актуелната прва дама на САД, Меланија Трамп честопати е цел на критики – од она што ќе го каже до начинот на којшто се облекува. Во јавноста дури остава впечаток е дека е целосно рамнодушна поради нејзиниот живот во Белата куќа.

Меланија е првата американска дама што е родена надвор од САД по два века. Педесетгодишната Словенка е трета сопруга на актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, а е поранешна манекенка и дискретна поддршка на сопругот.

Меланија најчесто е енигма за јавноста и во политичките кругови, но кога намерно ќе застане во центар, тогаш е мета на бројни критики. Нејзината кампања против злоставување “Биди најдобра“ не помина најдобро меѓу луѓето. Исто така, често пати знае да предизвика лавина од реакции поради начинот на којшто се облекува.

“Првите дами се соочуваат со голем предизвик поради нивната популарност без конкретен опис и постојано се мета на критики“, вели Кејт Андерсен Броувер, авторка на книгата First Women: The Grace & Power of Amerika’s Modern First Ladies.

“Тие никогаш не можат да им удоволат на сите, а некои како Меланија, имаат потешкотии со тоа повеќе од другите“, додава таа.

Инаку, Меланија е родена во Словенија во 1970-та година. Нејзината мајка била кројачка, а татко ѝ продавал автомобили. Студирала дизајн и архитектура пред да замине во Милано и Париз, каде што ја гради својата манекенска кариера. Во 1996-та година замина во САД каде што го запознава Трамп. Во 2006-та година станува американска државјанка , што го опишала како “најголема привилегија во светот“.

Таа ги поминува годините во раскошниот апартман во кулата на Трамп во Њујорк, но на почетокот не ја поддржувала амбицијата на нејзиниот сопруг за да седне во претседателската фотелја.

Нејзината најголема сила како прва дама е способноста да покаже смиреност, нешто што не му оди од рака на нејзиниот сопруг, посебно кога се работи за специфични теми како што е пандемијата, пренесува агенцијата Хина.

Според нејзините соработници, Меланија е прилично повлечена и поради тоа ретко се експонира во јавноста.

“Доналд е борец. Тој ја сака својата земја и се бори за вас секој ден“, рекла Меланија на изборен собир во Пенсилванија, што е едно од најглавните упоришта во изборната кампања на нејзиниот сопруг, кој претендира за уште еден претседателски мандат во САД.

Фото: Facebook