Мелничарите ја поддржуваат одлуката за условен увоз на пченица

45

pcenicaМелничарите ја поддржуваат владината одлука за условен увоз на пченица и брашно и сметаат дека треба да остане во сила во предвидените шест месеци.

“Преземените мерки ќе имаат позитивен ефект, ќе овозможат да се откупат планираните количини пченица. Мелничарите апелираат откупот да почне и во регионите каде што жетвата е во тек и онаму каде што евентуално доцни”, изјави Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

На вчерашната седница во Стопанската комора констатирале дека откупот се одвива без проблеми, според предвидената динамика. Досега се преземени 55.000 тони пченица што е 20% од очекуваниот род од 280.000 тони.

Според одлуката на Владата увозот на меркантилна пченица ќе се поврзува со извршен откуп на пченица од родот во 2013 година од домашното производство. Согласно одлуката, за увезен еден килограм пченица ќе треба да се откупат три килограми домашна пченица, а за еден килограм увезено брашно ќе се откупуваат четири килограми од пченицата од домашно производство.

Мерката има за цел да овозможи постигнување на редовниот пазарен еквиблириум меѓу понудата, односно очекуваното производство и количествата увезена пченица и брашно од една, и вкупната побарувачка на пченица, од друга страна.