Менување на животната метафора

247

Фото: Pixabay

Вчера ми се случи една ситуација која може да ја наречам и проблем, но избегнувам така да ја наречам, бидејќи кога нешто ќе означам како проблем, е тогаш сум во вистинска неволја. Едноставно кога ќе кажам дека имам проблем, чувствувам како на главата да ми се навалил оној најголемиот облак од кој се спрема град, а не дожд.

А од одамна имам научено дека можеме да влијаеме врз нашите чувства, така што ќе ги одбираме зборовите кои ги користиме; така јас одамна престанав проблемите да ги нарекувам проблеми, па сега ги викам предизвици. Или, ако се малку поголеми и ако не можам да предвидам како веднаш да ги решам, туку ми треба некое време над нив да кукам и да плачам, тогаш ги викам “срањце“. Да, баш така:D

Воглавно, вчера ми се случи едно “срањце“ и си го имав својот ритуал во кој кукав и плачев и во тој хаос во главата ми текнува како ми здосади тоа што во животот постојано наидувам на препреки и предизвици ─ ама, пак, и нормално е, бидејќи во видеоигрите секогаш наидуваш на препреки и губиш животи и стамина додека не научиш како да пројдеш некое ниво.

И тука, по главата, ме мавна сознанието дека веќе долго, веројатно откако првпат слушнав за нив и изиграв една, животот го набљудувам како една видеоигра. Тоа е мојата животна метафора; и на некој начин ми е едноставно нормално да се враќам наназад или постојано да се обидувам да прескокнам некоја бездна…

И знаете што е тука проблемот? Јас, всушност, не сакам и не играм видеоигри. Така, вчера си помислив ─ како е можно, мојата животна метафора дополнително да ме оптоварува во животот? Ако не сакам да играм игри, и не уживам во тоа, а животот го нарекувам игра, дали е можно на својата потсвест да ѝ испраќам порака дека не уживам во овој живот и дека често се откажувам, бидејќи едноставно немам сила да пронајдам премин за следното ниво?

Можно е. Сѐ уште немам докази, но чувствувам дека е така.

Затоа, вчерашниот ден го посветив на изнаоѓање свои нови животни метафори; такви некои со кои ќе можам да се идентификувам, такви некои кои ќе ми бидат мотивирачки. И најдов, три.

Прва – Животот е градина

Во таа градина имам(е) различни растенија, трева, овошки, плодови ─ врски, односи, работи, луѓе ─ кои успеваат и цветаат онолку колку што ќе им се посветиме и колку што ќе ги негуваме. Понекогаш на градината ѝ треба кроење, понекогаш плевење на троскотот (лоши врски, односи, работи), но кога внимателно и со љубов се грижиме за неа, таа раѓа, цвета и разлистува, имаме можност да уживаме во нејзините плодови и кислородот кој ни го создава.

Втора – Животот е пат

И патувањето е неговата цел, не некоја одредена дестинација. И како и секој пат, тој може да биде правец со добра улица. Но, исто така, може да има возвишенија, нагорнини, дупки на патот, клисури и бездни, и неочекувани тунели. Многу често фантастичните изненадувања и откритија се баш таму каде што не ги очекуваме и кои и не би ги виделе да не е улицата што сме ја избрале.

И третата – Животот е како ЕКГ

Одамна во некое интервју, ова го слушнав од актерот Љубо Тадиќ. Го спореди животот со ЕКГ и рече: “Животот не смее да биде рамна линија. Мора да има успеси и падови, бидејќи кога линијата е рамна, тогаш си мртов“.

Така, ги запишав сите три метафори во моите два дневника и еве просто посакав да ги споделам и тука со вас, бидејќи можеби некој ќе препознае дека неговата животна метафора му создава оптоварување и ќе посака да ја смени. На пример, доколку животот го гледате како некаква битка или трка, и постојано се натпреварувате и се борите, верувам дека тоа може да е многу исцрпувачки.