Mercedes-Benz забележа подобри резултати од очекуваните во вториот квартал

65

Автомобилскиот гигант Mercedes-Benz ја зголеми својата прогноза за оваа година, со очекувања дека новите модели на возила ќе му овозможат да ја задоволи побарувачката.

Од компанијата нагласуваат дека бројот на нарачки е „солиден“, а побарувачката за возила како што е електричниот модел EQS е „здрава и квалитетна“. Истовремено наведуваат и дека заработката на компанијата во вториот квартал е подобра од очекуваното, а наскоро во нејзината понуда ќе биде и новата верзија на џипот, која треба да привлече повеќе клиенти, пишува Bloomberg.

Најголемиот производител на луксузни автомобили во светот очекува групацијата да профитира нешто повеќе во однос на минатата година.

Вредноста на акциите на компанијата во тргувањето во Франкфурт порасна за 2,2 отсто, па загубите забележани од почетокот на годината се намалени на 18 отсто.

За гасната криза да не се одрази на производството, германската компанија презеде одредени чекори, па фабриката во Синделфинген, каде се произведуваат луксузни возила од моделите С класа и Мајбах, повеќе не користи природен гас во работа.

Доколку дојде до недостиг на гас, компанијата ќе продолжи да работи без проблеми со половина од залихите, под услов германските власти да дозволат да го прераспределува горивото во фабриките во земјата.