Мерцедес ќе гради станици за брзо полнење на електрични автомобили во Франција и Германија

37

Германскиот производител на луксузни автомобили Мерцедес ги разработи плановите за изградба на мрежа на станици за полнење на електрични возила, додавајќи дека ќе овозможи супербрзо полнење во Франција и Германија до крајот на годината.

Изградбата добро напредува, изјави за агенцијата dpa шефот на финансискиот оддел на производителот на луксузни автомобили Франц Рајнер, без да прецизира конкретни податоци или бројки.

Мерцедес се надева дека ќе има станици за полнење во Германија и Франција до четвртиот квартал и планира да изгради 20 паркови за полнење со неколку станици за полнење во САД оваа година, рече Рајнер.

Германскиот производител веќе ги објави плановите за инсталирање на 10.000 станици за полнење на електрични автомобили ширум светот до крајот на деценијата, потсетува агенцијата dpa.

Клиентите на Mercedes ќе имаат приоритет во пристапот до станици за полнење  преку еден вид резервација.

Компанијата инвестира милијарди евра во таа програма, рече Рајнер.

Ќе бидат изградени околу 2.000 станици за полнење во САД и Европа, а останатите ќе бидат дистрибуирани низ Кина и други важни пазари, додаде тој.

„Инфраструктурата за полнење сè уште има потенцијал“, рече шефот на Mercedes-Benz Mobility.

„Дефинитивно нема да можеме да покриеме сè со нашите станици за полнење. Тоа е дополнување на целата инфраструктура“, рече тој.

Во сегментот на станиците за е-полнење, Mercedes е нешто послаб играч во глобален контекст, со оглед на тоа што американскиот производител на електрични возила Tesla веќе има околу 45.000 станици за полнење на глобално ниво, покажуваат податоците на американската компанија.