Мерцедес се подготвува за трансформација која се случува еднаш во сто години

Мерцедес-Бенц се подготвува за „трансформација која се случува еднаш во сто години“ која ќе го преобликува автомобилскиот пазар, изјави извршниот директор Ола Калениус.
Трансформацијата е водена првенствено од технологијата – дигитализација, нула емисии и автоматизирано возење, рече Келениус на Саемот за автомобили во Шангај 2025 година во средата.

Компанијата, додаде тој, инвестира повеќе од кога било во технологија, иновации и производи за да биде во чекор со промените.

Кинескиот пазар, посочи тој, е исклучително конкурентен, а потрошувачите се повнимателни во последните две години.

Mercedes очекува консолидација меѓу бројните производители на кинескиот пазар во следните пет до десет години.

Како и многу германски производители на автомобили, Мерцедес се мачи во последните години поради конкуренцијата од Кина, а во првиот квартал забележа пад на продажбата од седум отсто на годишно ниво.

И покрај падот на продажбата во Кина од 10 отсто во првиот квартал, тој пазар сè уште претставува повеќе од една третина од вкупната продажба на автомобили на Мерцедес.

Минатата година добивката на групацијата Мерцедес падна за повеќе од 28 отсто во однос на претходната година и изнесуваше 10,4 милијарди евра. Приходите се намалени за 4,5 отсто и изнесуваат 145,6 милијарди евра.

Оваа година компанијата очекува уште поголеми пречки и помал профит. Се предвидува и благ пад на продажбата на патнички автомобили. Минатата година Mercedes продаде вкупно 1,98 милиони возила.