Мерка отпис на камати: За економистите нужно зло, за граѓаните обична козметика

36

Економистите предупредуваат на исклучителна внимателност при дизајнирање и спроведување на мерката за отпис на каматите на долговите која е дел од петтиот пакет економски мерки за спас од последиците од пандемијата.

Професорот Марјан Петрески сугерира Владата да нагласи дека мерката ќе биде еднократна и дека ќе се третира само во исклучителни ситуации.

“Лично тежнеам да ја прифатам состојбата со пандемијата како исклучителна ситуација во која би се посегнало кон простување долгови за камати, меѓутоа обврска е на владата да објасни дека вакво простување е еднократно и не треба да се очекува во иднина, со цел да не создаде тенденција граѓаните да очекуваат дека секогаш ќе се појави некој кој ќе им прости приватни долгови“, вели Петрески за Стандард.мк.

Товарот од мерката ќе падне врз јавните претпријатија, но да не се заборави вели тој фактот дека отписот се однесува само на акумулираните камати, додека главниот долг треба да остане наплатлив.

Од граѓанското здружение Стоп за грабежот кое со години бара отпишување на старите долгови, се со став дека со оваа мерка ќе бидат задоволни само дел од граѓаните.

Остануваат круцијалните системски проблеми, вели Ана Глигорова, а тоа се “секојдневно лихварење“ на доверителите, фирмите за наплата на веќе мртви банки, сметки за струја од пред 20 години… Според неа, нелогично е да се носи ваква како што вели “козметичка“ мерка наместо да се направи ревизија на извршувањата.

“Оваа мерка е само зрнце од тоа што очекуваат граѓаните кои се буквално заглавени во виртуелни долгови. За да биде правична мерката треба да се почитува апсолутната застареност од десет години. Вака физичките лица ќе си плаќаат на 12 рати долг од пред 15-20 години, плус редовни сметки, трошоци за храна, превоз,…“, вели Глигорова.

Отписот на каматите на долгови за комунални услуги ќе се однесува за период до Ноември 2020 година и ќе важи пет месеци. Услов некој граѓанин да не ги плаќа каматите ќе биде да склучи договор со претпријатието на кое му должи дека долгот ќе го исплати на 12 рати. Доколку тоа не го стори, односно не ги исполнува договорените услови, затезната камата ќе се врати уште во вториот месец.

Од Владата уверуваат дека законското решение е во фаза на подготовка, а граѓаните се планира да бидат повикувани од страна на јавните претпријатија.

Мерката не ги предвидува долговите направени кон ЕВН, БЕГ и други приватни компании кои даваат јавни услуги.

Фото: Freepik