Германскиот канцелар Ангела Меркел, за прв пат досега не ја исклучува можноста да се отпише долгот на Грција за неколку години.
“Германија не ја исклучува можноста да и се отпише долгот на Грција. Доколку успее Грција да се извлече со своите приходи и да не западне во нови долгови, мораме да ја разгледаме и процениме состојбата. Тоа нема да се случи пред 2014/15 година, доколку оди се по планот”, изјави Меркел во интервју за Bild am Sonntag, одговарајќи на прашање дали ќе се занимава со отпис на долгот на Атина по германските парламентарни избори во 2013 година.
Германија претходно отфрлаше секаква можност за простување на долгот на Грција, тврдејќи дека земјата мора да ги спроведе договорените мерки за штедење и структурни реформи во замена за помош преку кредити. Но, Меѓународниот монетарен фонд и многу економисти од еврозоната сметаат дека долгот на Грција треба да и се прости за да може земјата да ја надмине кризата.
Грција им вети на интернационалните кредитори дека до 2016 година ќе постигне буџетски суфицит од 4,5% БДП, со што ќе може да започне да го враќа долгот.