
Тарифите што американскиот претседател Доналд Трамп планира да и ги наметне на Европа може да доведат до губење на околу 50.000 работни места во Италија, изјави Пјерпаоло Бомбардиери, генерален секретар на италијанскиот синдикат UIL.
Според него, доколку се потврди одлуката на САД за воведување царини, тоа ќе биде проблем за Европа и Италија.
„Според некои проценки, штетата од царините може да изнесува неколку милијарди евра, а ризикуваме и да загубиме повеќе од 50.000 работни места“, изјави Бомбардиери за време на прославата на 75-годишнината од УИЛ, пренесува Анса.
Американскиот претседател најави воведување царини од 25 отсто за производите од Европската унија.
Италијанското здружение на винари веќе најави дека, во тој случај, ќе се соочи со загуба од речиси една милијарда евра, што ќе биде придружено со пад на домашната продажба.











