Во наредниот период Амстердам планира да ги замени продавниците за сувенири со објекти кои се посоодветни за жителитe, a помалку привлечни за туристите.
Со цел да се намали бројот на посетители и гужви кои го комплицираат животот на локалното население, холандскиот град ќе им понуди на непрофитните организации пари за локали кои би ги користеле за сосема различни цели, кои придонесуваат за развој на заедницата. За оваа намена се издвоени 10 милиони евра.
Холанѓаните со години се жалат на неподносливата врева и гужви во историскиот дел на Амстердам, кој секогаш е полн со туристи, а бидејќи имаа можност да видат како би изгледал градот без посетители за време на пандемијата, дури се порешителни да го вратат мирот во сопствениот град.
Нивните критики ги слушна и градоначалничката Фемке Халсема и најави голем број мерки, вклучително и ограничување на сместувањето што може да се изнајмува преку платформи како Airbnb, но и затворање на некои дуќани кои продаваат работи што не ги купуваат мештаните. Тоа се претежно продавници за кломпи, сирења спакувани специјално за туристи или вафли со Нутела.











