
Американските технолошки гиганти Meta (сопственик на Facebook и Instagram), Х (порано Twitter) и Linkedln се жалеа на барањето на италијанскиот даночен орган за ДДВ, што би можело да има широки импликации врз даночната политика низ цела Европска Унија, изјавија во понеделник четири извори запознаени со ова прашање.
Ова е прв пат Италија да не успее да постигне вонсудска спогодба со технолошките компании, што доведе до покренување на целосна даночна судска постапка. Случајот оди подалеку од вообичаениот износ на спогодбата и се стреми да воспостави поширок пристап кон разјаснување дали обезбедувањето пристап до платформи без плаќање претставува оданочлива трансакција, објави Ројтерс.
Италијанскиот даночен орган тврди дека бесплатните регистрации на корисници на платформи како Meta, X и Linkedln треба да се сметаат за оданочливи бидејќи тие претставуваат размена во која корисниците добиваат сметка, а платформите ги добиваат нивните лични податоци. Прашањето е особено чувствително во светлината на ескалацијата на трговските тензии меѓу ЕУ и администрацијата на САД.
Италија бара 887,6 милиони евра од Meta, 12,5 милиони евра од Х и околу 140 милиони евра од Linkedln. Жалбите беа поднесени до даночниот суд во јули, откако истече рокот за одговор на даночните одлуки издадени во март.
Експертите веруваат дека италијанскиот пристап би можел да има импликации врз другите сектори, од авиокомпании до супермаркети и издавачи, кои им нудат на корисниците бесплатен пристап до услуги во замена за прифаќање на колачиња за профилирање. Моделот би можел да се прошири на целата ЕУ во иднина, бидејќи ДДВ е хармонизирана категорија во ЕУ.
Meta изјави дека целосно соработувал со властите и дека „силно се спротивставува“ на идејата дека пристапот до самата платформа треба да биде предмет на ДДВ, додека LinkedIn и X не коментираа за случајот. Италија подготвува барање за советодавно мислење од Европската комисија по разговорите со компаниите.