Мета за прв пат во својата историја бележи пад на приходите

63

Американската компанија Мета првпат од основањето соопшти за пад на приходите на Фејсбук и Инстаграм, што веднаш по објавувањето на податоците резултираше со поевтинување на акциите на компанијата за околу 1,4 отсто.

Приходите на компанијата што остварува добивка главно преку рекламирање, во вториот квартал на годинава опаднале на 28,8 милијарди долари, што е помалку за еден процент од 29,1 милијарди долари остварени за истиот период лани.

Од почетокот на април до крајот на јуни Мета објави профит од 6,69 милијарди долари или 2,46 долари по акција, што е пад од 36 отсто во однос на истиот период минатата година (10,39 милијарди долари или 3,61 долари по акција).

Првиот пад на приходите за компанијата што ги поседува социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм доаѓа во услови на очекувана рецесија, а притисок има и поради зајакнувањето на доларот оттаму што продажбата на реклами во странски валути генерира помал приход во долари.

Откако на почетокот на мај годинава ги забави вработувањата, се шпекулираше дека бројот на вработувања во оваа компанија ќе се намали за 10 проценти. Мета во последните две години континуирано го зголемува бројот на вработени. Во март забележа раст на вработените за 30 отсто во однос на лани, а во јуни компанијата најави забавување или дури и престанок на нови вработувања. Сега, наводно, планира отпуштања, пренесува Business Insider.

Конкуренцијата предизвикува промени

И покрај тоа што има многу пократка деловна историја од Мета, TikTok се чини дека станува поголем конкурент на Фејсбук и Инстаграм.