Металургијата во Македонија се соочува со сериозни проблеми, производството е со постојани прекини, приликите на пазарот не се поволни, а на повидок нема позитивни сигнали, истакнуваат од металуршкиот сектор на прес – конференцијата на Стопанска комора на Македонија.
“Првиот квартал од годинава не е добар, остварувањето е пониско од минатата година. Ако индексот на индустриското производство во јануари-март е 103 во металургијата, кај основните метали е 96,5, а кај вадењето руди за метали 97,4“, истакна денеска Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургијата.
Тој смета дека металуршките капацитети во земјава се борат за континуитет во производството што ќе им ги намали трошоците и ќе им овозможи да останат конкурентни.
“Актуелната состојба е последица од економската криза која особено ја погоди Западна Европа, каде ние извезуваме. Да се инвестира во вакви времиња е многу тешко, а ефектите од вложувањата пред кризата сега не може да се почувствуваат“, рече Кочовски, додавајќи дека оваа индустриска гранка веќе шест години се соочува со криза.