МФ: Исплатена Еврообврзницата во износ од 500 милиони евра издадена во 2018 година

Министерството за финансии денеска ја исплати Еврообвзницата издадена во 2018 година во износ од 500 милиони евра.

„Денеска во целост ја исплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година на износ од 500 милиони евра, а која доспеваше за исплата на 18 јануари 2025 година. Со цел да се обезбедат средства по најниски трошоци за  исплата на оваа Еврообврзница, беше потпишан Договор за заем со унгарската Експорт-импорт банка. Условите под кои ги добивме средствата направија заштеди на буџетот по основ на камати и по основ на провизии. Ќе продолжиме со политиките на редовно и навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства по најповолни услови”, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека 2025 година ја почнуваме со ликвидни и стабилни јавни финансии кои ќе овозможат редовно и навремено сервисирање на обврските.

Средствата за сервисирање на оваа обврска која доспеавше на 18 јануари 2025 година беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка по поволни услови со камата од 3,25%, рок на отплата 15 години, со вклучен грејс период од 3 години.

Земјата досега има издадено 9 еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште 3 еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.