МФ: Јавниот долг 54,9 % од БДП, намален дополнителни 2,2 процентни поени

73

Дополнителни 2,2 процентни поени намалување забележа јавниот долг. Денеска објавените податоци покажуваат дека заклучно со првиот квартал од 2022 година јавниот долг се спушти на ниво од 54,9 % од БДП. Истовремено, намалување е забележано и кај државниот долг кој на крајот на март изнесува 46,8 % и е за 1,9 процентни поени понизок.

Дополнителното намалување на јавниот долг е потврда за добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии, особено што тоа е евидентирано во период на криза.

Фискалната политика останува на орпеделбата за натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Клучни елементи на фискална политика во наредниот период се редизајнирањето и подобрената структура на јавните финансии, преку зголемено учество на капиталните расходи, како и етапната фискална консолидација. Буџетскиот дефицит во 2020 година изнесуваше 8,2 % од БДП, во 2021 година 5,4 % од БДП. Годинава продолжува тој тренд на намалување. Во првите четири месеци, односно јануари-април 2022 година остварен е за 44 % помал дефицит во однос на тој период минатата година. Така што за годинава е проектиран дефицит од 5,3% од БДП, 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година.

Истовремено, останува определбата за натамошно намалување на јавниот долг и негово спуштање под Мастришкиот критериум од 60 % од БДП.Така што согласно ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг, на среден рок, односно до 2027 година јавниот долг ќе се стабилизира и ќе се намали на 56,6%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,2 %.