Microsoft ги “отстрани“ лаптопите на Huawei од својата онлајн продавница

20

Уште една компанија ја прекинува соработката со Huawei, овој пат Microsoft ги отстрани лаптопите на кинескиот производител од својата онлајн продавница. Како што соопштуваат корисниците, страната при пребарување на модел од Huawei, вели дека “не се пронајдени такви уреди“, а линковите до последните модели велат дека станува збор за “грешка“, пишува CNN.

Од Microsoft не коментираат за ситуацијата, а овој потег доаѓа откако САД ја стави кинеската компанијата на црната листа, со што им забранува на компаниите од земјата да соработуваат со Huawei. Така, Microsoft повеќе нема да може да го продава својот Windows оперативен систем којшто кинескиот производител на електроника го користеше за своите лаптопи.

Huawei е најголем светски производител на опрема за телекомуникации, а нивните смартфони се конкуренција на оние од Apple и Samsung.

Google, исто така, ја прекина соработката со Huawei, најавувајќи дека новите телефони нема да имаат пристап до нивниот Android оперативен систем, како и до популарните апликации и услуги од типот на  Gmail и Google Maps.

Фото: Pixabay