Microsoft го шири бизнисот во Ирска

67

Американскиот технолошки гигант, Microsoft планира да вработи нови 200 инженери во Ирска и да воспостави нов инженерски центар, во рамки на ширење на бизнисот во земјата, каде што има околу 2.500 вработени.

“Новите вработени ќе бидат вклучени во развој на нови услуги во ’облак’ и технолошки решенија за клиенти од целиот свет“, објави ирскиот огранок на Microsoft.

Со овој потфат Ирска би можела да се најде меѓу земјите кои важат за лидери во инженерство. За разлика од другите сектори,  електрониката, технологијата, фармацевтската и медицинската индустрија забележаа експанзија во време на пандемија. Според официјалните податоци, бруто додадената вредност во секторите во коишто не доминираат мултинационални компании, во второто тримесечје, се намали за скоро 20%, додека кај другите во коишто има странска сопственост е регистриран раст од 1,1%.

Корпоративните даноци во Ирска се меѓу најниските во Европа и земјата веќе долго врем е омилена дестинација на американски компании што работат во меѓународни рамки. Facebook и Google веќе се одомаќинети во Ирска, каде имаат свои седишта за Европа, а Apple во оваа земја има повеќе од 6.000 вработени. Фармацевтските компании Pfizer и GlaxoSmithKline на повеќе локации во Ирска имаат фабрики и истражувачки центри, пренесува Ројтерс.

Фото: Facebook