Микро и малите бизниси имаат значаен потенцијал за развој

298
Darko Nedelkovski_Intervju Oktomvri 2016
Дарко Неделковски, директор на сектор Деловна мрежа, Штедилница Можности

Штедилница Можности е финансиска институција која постои веќе 16 години на финансискиот пазар во Република Македонија, додека почетоците на микро кредитирањето преку Можности датираат од 1996 година. Штедилницата ги услужува микро и малите претпријатија кои спаѓаат во секторот трговија, градежништво, туризам, услуги и производство, како и физичките лица на кои им нуди финансиски производи и услуги како кредитирање и можност за штедење.

За видовите услуги што ги нудат, кредитирањето, ризикот, културата на штедење, зборувавме со Дарко Неделковски, директор на сектор Деловна мрежа.

БИ: Во фокусот на штедилница Можности се микро, мали и средни претпријатија, како и физичките лица. Колку е тешко и кои се главните предизвици да се има клиенти од овој сегмент?

Штедилницата е конкретно фокусирана кон микро и многу мали клиенти, кои најчесто се семејни бизниси. Нашите клиенти делуваат во областа на услугите, производството, туризмот, градежништвото, трговијата и занаетчиството. Исто така значајно сме насочени и во областа на земјоделството преку соработка со индивидуални земјоделци и мали семејни фарми.

Овие клиенти се во исто време и најбројни во нашата економија. Потенцијалот за соработка со нив е голем. Во пракса е докажано дека овие субјекти имаат покус животен циклус, што секако ги прави поризични. Можности има 20 годишно искуство во соработката со овие субјекти на македонскиот пазар. Искуството во комбинација со соодветна методологија на работа ни овозможува успешно да ги поддржуваме во нивниот раст и развој. Горди сме на фактот што некои од најголемите домашни компании во првите три до пет години од својот развој, растеа и се развиваа користејќи ги нашите производи и услуги.

Секако, соработуваме и со клиенти од целните групи Вработени за плата, Пензионери и Студенти, каде што исто така цениме значаен потенцијал.

БИ: Кои видови на услуги ги нудите во делот на штедењето, а кои кај кредитирањето?

Во штедилницата производите и услугите се прилагодени на типот на клиент и неговиот капацитет. Сите клиенти имаат на располагање и кредитни и штедни производи кои најчесто ги користат истовремено. Имаме посебни кредитни производи за малите бизниси и за нивните сопственици како физички лица, за фармите и фармерите, за вработените, за пензионерите и за студентите. Од кога ќе видиме за каков тип на клиент станува збор и ќе ја видиме намерата на клиентот односно неговата потреба, дефинираме најсоодветен кредитен производ или производи. Штедните производи се постандардизирани, но се исклучително поволни за клиентите.

Обезбедуваме и различни услуги кои се прилагодени на карактеристиките на клиентот. Услугите кои ги даваме интерно преку нашиот персонал се однесуваат на советување на клиентите за нивните финансиски активности, како и логистичка поддршка на нашите клиенти секогаш кога ќе се соочат со институции или документација кои им одземаат од нивното време. Исто така, обезбедуваме и услуги преку надворешни соработници и тоа во доменот на едукација на клиентите за подобрување на финансиското знаење и обуки за користење на нови технологии. Важно е да се истакне дека било која од наведените услуги за нашите клиенти, не ја наплаќаме.

БИ: Што е пресудно за одобрување на кредит на физичко лице, а што најмногу се зема во предвид при одобрување на кредитното барање за микро фирма?

Сите наши клиенти се поделени во целни групи и соодветни сегменти. Генерално, клиентите се или самовработени или лица кои остваруваат приход по основ на плата или пензија. Кај самовработените (микро и многу мали бизниси или фармери) пресудно е колкав е готовинскиот тек, колкаво е искуството во дејноста, дали располагаат со основните средства за работа и можеби најважно, колку се посветени сопственикот и неговото семејство на тоа што го прават. Кај вработените важно е дали работат во компанија од А или Б листа (по наша интерна класификација), колкав е приходот што го остваруваат и каква е кредитната историја. Кај пензионерите важно е дали е лицето примател на странска или домашна пензија, износот на пензијата и кредитната историја.

Како што можете да забележите, гаранциите, или тоа дали клиентот е од урбана или рурална средина, или слични ограничувачки фактори, немаат влијание, или имаат помало влијание врз одлуките на нашите кредитни одбори.

logo moznosti

БИ: На кој начин штедилницата се осигурува од ризик, со оглед на тоа што Вашите фокус групи немаат голема финансиска стабилност и капацитет?

Нашата методологија на работа е таква што ни овозможува да носиме квалитетни одлуки за преземање ризик. Традиционално имаме добра отплата на нашите кредити. Дополнително, како што истакнав, сите наши клиенти се поделени во целни групи и сегменти, според тоа што прават и колку се успешни во тоа. Овој концепт на сегментација го разработивме и имплементиравме во периодот 2009-2010 година, и истиот до сега произведува кредитно портфолио со добар квалитет, односно со многу ниски нефункционални пласмани. Суштината на овој концепт е во следново: прво, одлично познавање на нашите клиенти, и второ, одговорно одобрување на изложеност со цел спречување на презадолженост кај клиентите.

И, вреди да се истакне дека, иако овој тип клиенти немаат голема финансиска стабилност, поголемиот дел од нив се многу посветени и чесни. Тоа е многу значајно за намалување на ризикот.

БИ: Дали физичките лица и компаниите во нашата земја имаат култура на штедење и колку се свесни за бенефитите од тоа?

Да. Сите бројки укажуваат на тоа дека во нашата земја, иако има релативно низок БДП, има висока култура на штедење. Ние како штедилница, по законот за банки не можеме да прибираме депозити од компаниите, но може да се каже дека сопствениците на приватните компании како физички лица се солидни штедачи. Секако, и граѓаните од останатите целни групи имаат навика за штедење. Штедилницата, исто како и кај кредитите, и кај депозитите има поголем број на клиенти со помал просечен износ.

БИ: Во која насока ќе се движи штедилницата Можности во иднина и дали е во план воведување нови и иновативни продукти за клиентите?

Ќе продолжиме да се движиме во насока на транспарентно, одговорно, рамноправно и квалитетно однесување кон нашите клиенти, кон заедниците во кои делуваме, кон вработените, кон акционерите и кон регулаторите.

Штедилницата во континуитет воведува иновации и во делот на производите и во делот на процесите. На пример, во последните пет години имаме воведено 25 нови кредитни производи од кои најголемиот дел остварија пазарен успех. Годинава имаме воведено три нови кредитни производи. Посебно актуелни во моментов се кредитниот производ Хабитат-Енергетска ефикасност за домаќинствата и Рамковниот кредитен производ за малите бизниси каде што правното лице и физичкото лице-сопственик истовремено користат иста рамка. Потпишуваат денес и во следните пет години користат средства по потреба.

Во моментов воведуваме новини и во унапредување на услугата кон клиентите преку воведување на нови софтверски апликации. Нашата услуга е исклучително брза, но со новите решенија сакаме да бидеме уште поефикасни. Исто така новите решенија ќе ни овозможат да понудиме електронско и мобилно банкарство како дополнителна услуга за нашите клиенти.

За крај ќе истакнам дека во јуни 2013 година, во Стокхолм, Шведска, Штедилница Можности освои прва награда за иновативност на ниво на мрежа од 40 финансиски институции од 25 земји (повеќето членки на ЕУ). Во финалето победивме пред финансиска институција од Република Германија. Наградени бевме за иновација во начинот на процесирање на кредитниот производ „Локум“ наменет за микро бизниси и занаетчии.

moznosti-580x292