Милијардери со дарежливо срце

72

Иако пандемијата им го мултиплицираше богатството на оние кои веќе имаат и по неколку милијарди на сметка, сепак многу од нив дел од своите пари ги споделуваат со организации или поединци на кои навистина им е потребна помош.

Од листата 400 најбогати според магазинот Forbes, чие вкупно богатство се проценува на околу 3,2 трилиони (илјади милијарди) долари, дури 171 милијарда долари се дадени на хуманитарни и непрофитни организации.

Досега 74 милијардери, кои се дел од листата на Forbes, веќе дадоа ветување дека дел од нивното богатство ќе го споделат со заедницата којашто има потреба од тоа.

Според тоа колкав процент од своето богатство го дале во хумани цели, Forbes направи неколку групи. Помалку од 1% од своето богатство за хумани цели одвоил планетарно најбогатиот човек и основач на Amazon, Џеф Безос и наследниците на Walmart, Џин и Роб Валтон.

Милијардери кои од своето богатство одвоиле од еден до 4,99% од своето богатство се: медиумската ѕвезда, Опра Винфри и основачот на Twitter, Џек Дорси.

Во третата група влегуваат милијардери кои за хуманитарни цели одвоиле од пет до 9,99% од богатството со коешто располагаат: Реј Далио, основач на хеџ фонд, и сопственикот на спортскиот клуб New England Patriots, Роберт Крафт.

Подарежливи од нив се милијардерите кои за хуманитарни цели одвоиле меѓу 10 и 19,99% од своето богатство, а тоа се основачот на Microsoft, Бил Гејтс, и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг.

Ворен Бафер, Џорџ Сорос, Џон Арнолд, Ели Брод, Амос Хостетер, Џорџ Кајзер, Гордон Мур, Лин Шустерман, Џулијан Робертсон и Тед Тарнер се имиња на милијардери од листата на Forbes, кои одвоиле 20% и повеќе од своето богатство.

Фото: Pexels