Истражување на руски научници ја докажува способноста на еден милион паметни телефони расфрлани низ светот да постигнат ниво на перформанси на суперкомпјутер. Во исто време, соработката нема да има забележително влијание врз секојдневното користење на паметните телефони од страна на луѓето – пресметките ќе се вршат во време кога паметниот телефон не е во употреба.
„Нашата работа е посветена на употребата на мобилни уреди како провајдери на компјутерски ресурси. Главната идеја на проектот е да се користат неактивните ресурси на мобилните уреди за различни пресметки, без да се влијае на нивната директна цел“, вели за проектот Илја Курочкин од Одделот за сајбер инженерство во „НИТУ МИСиС“.
Научниците спроведоа серија слични експерименти користејќи ја отворената платформа BOINC (Berkeley Open Infrastructure for Network Computing). Од очигледни причини, експериментот е исклучително тежок за спроведување на паметните телефони на корисници кои не се директно вклучени во проектот, па сите податоци се добиваат на специјално дизајнирана мобилна дистрибуирана платформа.
За време на тестовите е воспоставена конфигурација што овозможува да се намали времето на пресметковни експерименти, да се зголеми процентот на оптоварување на уредот и да се намали процентот на задоцнети задачи.
Проектот вклучува комбинирање на лични уреди како што се паметни телефони, таблети и компјутери кога се полнат или 80-90% се наполнети и сè уште имаат пристап до Wi-Fi. Правилно избраните параметри на дистрибуираниот систем можат и да го зголемат нивото на користење на мобилните телефони за решавање проблеми без значително да влијаат на моќноста на батеријата, и значително да го намалат времето за пресметување на целиот експеримент.
Врз основа на резултатите од студијата, научниците дадоа препораки и предложија параметри на прототип на систем за мобилна мрежа кој ефикасно работи со различни типови на лични уреди. Резултатите од студијата се објавени во списанието Communications in Computer and Information Science.