
Минатата година, Европската Унија извезе алкохолни пијалоци во вредност од 29,8 милијарди евра, што укажува на зголемување од 10,9 проценти во однос на 2019 година, покажаа податоците на Евростат објавени во понеделник.
Во извозот доминираа вината направени од свежо грозје, што претставува 56,2 проценти од вкупниот износ.
Втората најголема категорија се жестоките пијалоци и ликери, со 29,7 проценти, по што следува пивото со 11,5 проценти.
Франција беше убедливо главен извозник, со вкупно 12,1 милијарди евра, или 41 процент. Оваа земја најмногу извезувала вино, 66,7 проценти или 8,1 милијарди евра, и жестоки пијалоци и ликери со 31,8 проценти или 3,8 милијарди евра.
На второ место следува Италија со шест милијарди евра, од кои поголемиот дел, поточно 81,1 процент или 4,9 милијарди евра, се однесува на извоз на вино.
Шпанија и Холандија извезоа 2,5 милијарди евра и 2,3 милијарди евра, соодветно, при што виното е најважната категорија за Шпанија, а пивото за Холандија.
Соединетите Американски Држави беа главната дестинација за алкохолни пијалоци од ЕУ, со извоз од 8,9 милијарди евра, што претставува 30 проценти удел.
Повеќе од половина од таа вредност, 4,9 милијарди евра, се однесува на извоз на вино, а уште 2,9 милијарди евра на жестоки пијалоци и ликери.
Обединетото Кралство беше втор најголем трговски партнер, со 4,9 милијарди евра, или 17 проценти од вкупниот износ, главно поврзани со извоз на вино. По Велика Британија, најголем извоз беше во Кина, Канада и Швајцарија.