Минатата година цените на гасот во Европа паднаа за речиси 60 отсто во споредба со 2022 година

Цените на гасот во Европа паднаа за речиси 60 отсто минатата година во споредба со 2022 година и продолжуваат да паѓаат поради рекордните резерви на гас, инвестициите во обновливи извори на енергија и бавниот економски раст што ја ограничува побарувачката за енергија во големите економии, наведува Блумберг.
Цените на течниот природен гас (LNG) во Европа паѓаат и покрај ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас и нарушувањата на меѓународниот транспорт преку Црвеното Море.

„Ако ги гледаме само цените, се чини дека кризата е завршена, но зависиме од глобалните фактори кои можат брзо да се променат“, рече Балинт Конч, шеф на трговијата со гас во MET International во Швајцарија.

Повеќето нови транзитни капацитети за течен природен гас, без оглед на големите инвестиции, нема да бидат пуштени во употреба пред 2025 или 2026 година.

Договорот за транзит на гас од Русија преку Украина до земјите од Западна и Централна Европа истекува на крајот на 2024 година, а нема информации дали ќе биде продолжен, пренесува ТАСС.