
Во пристаништата на Европската унија лани биле регистрирани 395,3 милиони патници, што претставува зголемување од 5,8 отсто во однос на 2022 година, објави Евростат.
Бројот на патници, сепак, е за 5,5 отсто помал од 2019 година, пред избувнувањето на пандемијата на корона вирусот, се додава во извештајот.
Грција и Италија го предводат морскиот патнички сообраќај на Европската унија, пренесува Мина.
Италијанските пристаништа минатата година забележаа најголем број патници, 85,4 милиони или 22 отсто од вкупниот број поморски патници во ЕУ минатата година, а потоа следат грчките пристаништа со 75 милиони патници и 19 отсто учество.
Во пристаништата на Данска се регистрирани 41,2 милиони патници, што претставува десет отсто удел, со што оваа земја го зазеде третото место.
Десетте најпрометни патнички пристаништа во ЕУ сочинуваат повеќе од една петтина од поморскиот патнички сообраќај во ЕУ, поточно 22 отсто.
Шест од првите десет пристаништа се наоѓаат на Медитеранот, три на Балтикот и едно во Североисточниот Атлантик.
Најпрометно патничко пристаниште во Европската унија е Месина со 11,3 милиони патници, потоа Реџо ди Калабрија во Италија со 11,1 милиони патници и Пиреја во Грција со 9,6 милиони патници.
Фото: Pixabay











