
Србија и Албанија донесоа одлука од 1 јануари наредната година да го зголемат минималецот. Во Србија тој ќе изнесува 64.554 динари или 551 евро, а во Албанија ќе се зголеми на 50.000 албански леки, односно 515 евра. Македонците работници ќе останат да го чекаат законското усогласување во март наредната година. И покрај тоа што се очекуваше дека пред изборите синдикатите, работодавачите и Владата ќе се договорат за зголемување на минималната плата, сепак тоа не се случи.
-Очигледно е дека минималната плата нема да се зголеми пред избори, а нема да се зголеми ниту пред Нова Година. Работниците ќе го чекаат законското усогласување во март. Но, тука мора да напоменеме дека не станува збор за зголемување на платите туку само нивно усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Инфлацијата ги демантираше тврдењата на работодавачите дека платите треба да се зголемат само според продуктивноста, изјави за „Локално“, Иван Пешевски – потпретседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Според него, како македонските работници не се продуктивни кога еден работник на газдата му прави 600 илјади денари за една година.
-Кај нас нема социјален дијалог, нема никаква најава дека наскоро ќе има Економско социјален совет, а нема ниту воља од Владата да се преговара за зголемување на платите. Србија и Албанија донесоа одлука за зголемување на минималецот од 1 јануари наредната година на тој начин Македонија остана последна во регионот и по минималната и по просечна плата, што ќе биде причина за одлив за уште повеќе работници од државата, објаснува Пешевски.
Од ССМ посочуваат дека повисоки плати се потребни не само за работникот, туку и за подобра бизнис клима. Статистичките податоци покажуваат дека кога растат платите се отвораат, а не се затвораат фирми. Оттаму додаваат дека за да се спречи одливот на работна сила и да се покријат троците за живот, неопходно е минималната плата да биде 500 евра, но и да се зголемат сите останати плати.
Целиот текст на Локално.мк











