Минималната плата под 1.000 евра – реалност за десет земји во ЕУ

Од 1 јануари годинава, 22 од 27 земји на Европската унија имаат утврдено национални минимални плати, а исклучок се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска.

Десет земји од ЕУ во јануари имаа минимални плати под 1.000 евра, и тоа: Бугарија (551 евро), Унгарија (707), Летонија (740), Романија (814), Словачка (816), Чешка (826), Естонија (886), Малта (961), Грција (968) и Хрватска (970), објави Европската канцеларија за статистика.

Во шест други минималните плати се движеле од 1.000 евра до 1.500 евра месечно: Кипар (1.000 евра), Португалија (1.015), Литванија (1.038), Полска (1.091), Словенија (1.278) и Шпанија (1.381 евра).

Во останатите шест минимални плати биле над 1.500 евра месечно: Франција (1.802 евра), Белгија (2.070), Германија (2.161), Холандија (2.193), Ирска (2.282) и Луксембург (2.638 евра).

Податоците покажуваат дека највисоката минимална плата во земјите на ЕУ била 4,8 пати повисока од најниската. Меѓутоа, разликите во минималните плати меѓу земјите се значително помали кога се земаат предвид разликите во нивото на цените.