Министерката за финансии на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД

33

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествува на Пленарен состанок на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува од денеска до 29 ноември во Парагвај, а кој е посветен на глобалната имплементација на меѓународните стандарди за даночна транспарентност и напредок на земјите, како и на предизвиците со кои се соочуваат земјите при имплементација на стандардите. Министерката учествува на Форумот во придружба на државниот секретар во МФ Андриана Матлиоска.

Министерката Димитриеска-Кочоска на панел-дискусија ќе се осврне на приоритетите, искуството и предизвиците во имплементација на Стандардот за автоматска размена на информации (AEOI) којшто е клучна алатка за јурисдикциите, односно државите, во борбата против даночното затајување и заштита на интегритетот на нивните даночни системи.

На состанокот, Секретаријатот на Глобалниот форум ќе ја претстави поддршката што е дадена на членовите во процесот на имплементација на стандардите. Глобалниот форум го сочинуват над 170 јурисдикции, кои ги вклучуваат земјите од групата Г-20, финансиските центри, а повеќето од членките се земји во развој. Сите членки работат заедно, на исто рамниште, во борбата против офшор даночна евазија.

Најважна задача на Глобалниот форум е развој на капацитетите со цел поддршка и овозможување брза и ефективна имплементација на стандардите за транспарентност и размена на информации од страна на сите членки, особено земјите во развој.

Имено, РС Македонија е во процес на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации. Стандардот AEOI се однесува на годишна размена на информации за финансиските сметки на нерезиденти во однапред дефиниран формата тие разменети информациивклучуваат детали за финансиската сметка (на пример, финансиската институција што ја одржува, бројот на сметката и состојбата на сметката) и детали за сопственикот на сметката (на пр., неговото име, адресата, датумот на раѓање и идентификацискиот број на даночниот обврзник).

Спроведувањето на Стандардот AEOI бара јурисдикциите да ги прибираат информациите од нивните финансиски институции секоја година и автоматски да ги разменуваат со јурисдикциите каде што имателот на сметката е даночен резидент. За успешна размена на информациите потребна е и законодавно-правна и административна инфраструктура.

Во фаза на подготовка е Предлог-закон за административна соработка, со кој, меѓу другото, ќе се пропишат одредби за автоматска размена на информации за финансиски сметки и за автоматска размена на информации за извештаи по земја. Со Законот ќе се утврди конкретна правна рамка којашто ќе придонесе кон зајакнување на соработката меѓу даночните администрации, a оттаму и борба против прекуграничната даночна евазија и даночното затајување, зголемување на наплатата на даноците, како и зајакната борба против корупцијата и перењето пари.

РС Македонија е членка на Глобалниот форум за транспареност и размена на информации за даночни цели при ОЕЦД од јануари 2011 година.