Министерството за економија и Националната платформа за женско претприемништво потпишаа Меморандум за соработка

24

Министерот за економија Крешник Бектеши и Валентина Дисоска од Националната платформа за женско претприемништво денеска во Министерството за економија потпишаа Меморандум за соработка.

Целта на овој Меморандум за соработка е економско јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување системска поддршка и инфраструктура за развој, поддршка и промоција на женското претприемништвои подигнување на степенот на соработка во иднина.

„Министерството за економија препознавајќи го значењето на женското претприемништвото, почнувајќи од 2012 година, веќе десет години по ред реализира Мерка за финансиска поддршка за жени претприемачи. Во изминатите 10 години преку оваа мерка субвенционирани се вкупно 179 компании во сопственост и управувани од жени со вкупно 17.261.252 денари. За поддршка на женското претприемништво во 2018 година ја донесовме и Стратегијата за развој на женското претприемништво во Северна Македонија 2019 – 2023 година со која се потврди определбата на Владата да продолжи со своите мерки и активности во насока на поддршка и развој на жените претприемачи“ кажа министерот Бектеши по потпишување на Меморандумот.

Како што истакна Бектеши, Министерството за економија во соработка со другите надлежни владини институции, и невладиниот сектор ја спроведува Стратегијата за развој на женско претприемништво, а промоцијата на женското претприемништво, вмрежувањето и застапувањето е еден од приоритетите на Стратегијата.

“Поради тоа, потребно е да се развиваат и поддржуваат здруженија кои работат на полето на женското претприемништво и при тоа да се воспостави процес на застапување на нивните интереси спрема јавниот сектор. Со овој Меморандум како Министерство за економија ќе воспоставиме соработка  која ќе има за цел економско јакнење на жените преку остварување на стратешките цели и имплементација на мерките и активностите предвидени во рамки на Стратегијата за развој на женско претприемништво“ кажа министерот.

Валентина Дисоска од Националната платформа за женско претприемништво истакна дека креирањето  на Националната платформа за женско претприемништво и потпишувањето на овој Меморандум за соработка доаѓа како сублимат на активното работење на полето на јакнење на женското претприемништво во изминатите 10 години.

„Како резултат на соработката со Министерството за економија произлезе Националната стратегија за женско претприемништво во која еден од стоболвите е активна промоција за раст и развој на женското претприемништво. Активно работиме да ја подобриме состојбата на жените претприемачи како и инфраструктурата за развој на женското претприемништво“ кажа Дисоска.