Министерството за економија останува отворено за зајакнување на економската соработка со Германија

126

Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн. На средбата беа истакнати пријателските односи помеѓу двете држави.

Министерот и амбасадорката Холштајн разговараа за економската соработка меѓу двете земји, мерките за справување со социоекономската криза предизвикана од коронавирусот како и економските политики на новата Влада за идниот развој на економијата.

Амбасадорката Холштајн упати честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на министерот Бектеши за министер за економија.

Сојузна Република Германија е наш најзначаен трговски партнер од осамостојувањето до денес, многу германски инвеститори работат со голем успех во нашата земја како резултат на тоа, потенцираше министерот и додаде дека има големи можности за натамошно зајакнување на економската соработка меѓу двете земји во повеќе области и индустрии.

Министерот Бектеши се заблагодари на поддршката од страна на СР Германија и додаде дека специјалниот советник Валтер Дефа кој го номинираше германската Влада да помогне со реформите во економијата, има интензивна комуникација во креирање на решенија за понатамошен развој на соработката меѓу двете земји.

Тој ги потенцира приоритетите на Владата во наредниот период коишто се во насока на постигнување забрзан и одржлив економски раст преку зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Се заблагодари за континуираната поддршка од страна на СР Германија за напорите кои ги прави нашата земја во остварувањето на европските аспирации и започнувањето на преговори за членство во ЕУ.

Изрази надеж дека првата меѓувладина конференција би можела да се одржи наскоро, за време на претседавањето на СР Германија со Европскиот Совет.

Министерството за економија и во наредниот период ќе остане отворено за секаков вид на соработка со Сојузна Република Германија, кажа министерот Бектеши, а со амбасадорката Холштајн се согласија дека ќе работат на дополнително унапредување на економските односи помеѓу двете земји.