Министерството за финансии ќе основа Академија за јавни финансии

82

Во состав на Министерството за финансии ќе се основа Академија за јавни финансии. Ова беше најавено на денешниот настан по повод промоцијата на твининг проектот Зајакнување на функциите на буџетското планирање, извршување и внатрешна контрола финансиран од Европската Унија, а со поддршка од министерствата за финансии на Кралството Холандија, Бугарија, Хрватска и Латвија.

Проектот, како што информира министерот за финансии, Фатмир Бесими, има за цел да го зајакне управувањето со јавните финансии и е насочен кон зголемување на буџетската транспарентност, зајакнување на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, подобрување на ефикасноста на системот на јавни набавки и подобрување на системот на заштита на финансиските интереси на ЕУ.

“Овојпат, во процесот на спроведување на реформите во управувањето со јавните финансии, следејќи ги најдобрите европски практики,  ќе се придвижиме кон едно повисоко скалило, преку основање Академија за јавни финансии во рамките на Министерството за финансии. Преку Академијата ќе се обезбеди континуирана едукација на државните службеници од областа на управувањето со јавните финансии, со цел создавање модерна и стручна администрација за обезбедување квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти”, истакна Бесими.