Министри од регионот ќе усвојат стратегија за отворање милион нови работни места

17

vrabotuvanjaСтратегијата на Југоисточна Европа 2020 на Советот за регионална соработка треба да биде усвоена утре, 21 ноември, на министерската конференција на Инвестиционата комисија за југоисточна Европа во Сараево. Отворањето на еден милион нови работни места во југоисточна Европа до 2020 година претставува најважна цел на стратегијата наречена Работни места и просперитет во европската перспектива. На собирот ќе се соберат министрите за економија од Македонија, Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија, претставници на Европската комисија, како и други регионални и меѓународни партнери и иницијативи и донаторски заедници.

Стратегијата ја подготви Секретаријатот на Советот за регионална соработка во консултација со владите на земјите од југоисточна Европа, ЕК и соодветните регионални и меѓународни институции.

Целта на стратегијата ЈИЕ 2020 е подобрување на условите за живот во регионот и враќање на конкурентноста и развојот во центарот на вниманието. Со стратегијата се нагласува заедничката визија на земјите од ЈИЕ до 2020 година да се отворат до еден милион нови работни места и така стапката на вработеност од 39% да се зголеми на 44%, да се удвои вкупниот регионален трговски промет од 94 на 210 милијарди евра и да се зголеми бројот на високообразовани луѓе како работна сила на 300.000.