Министрите на Г7 се согласија да го забрзаат развојот на обновливите извори на енергија

Министрите на групата Г7 на индустриски најразвиените земји во светот се согласија да го забрзаат развојот на обновливите извори на енергија и повикаа на намалување на потрошувачката на природен гас, во обид постепено да се исфрлат фосилните горива.
Во исто време, претставниците на Г7 изјавија во соопштението дека инвестирањето во енергетскиот сектор може да помогне во решавањето на прашањето за потенцијалниот недостиг на енергија, пренесува Ројтерс.

Министрите на Г7 се собраа во јапонскиот град Сапоро на дводневни состаноци посветени на прашањата за климата, енергијата и развојот на животната средина.

Прашањата поврзани со обновливите извори на енергија и енергетската безбедност добија значење и итност по рускиот напад врз Украина, наведува британската агенција, пренесе Танјуг.