
Сменета е насоката на расправата за зголемувањето на минималната плата кон тоа што треба да содржи минималната потрошувачка кошница. Ако пред два месеци постоеше предлог кошничката да биде формирана од неколку членови од различни тела и дека таа ќе биде основна институционална кошничка и ќе ги земе во предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни, сега веќе надлежните објавија дека таа е скоро готова. Заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески информира дека се финализираат уште некои работи и во неа како што напомена нема да има цигари и алкохол и сезонско овошје кое не е карактеристично за периодот од годината туку ќе биде квалитетно направена кошничка со квалитети податоци.
Она што се знае е дека повеќе нема да се користи терминот минимална, ќе биде просечна кошничка и наместо за четиричлено, ќе биде за тричлено семејство. Дел од експертите и познавачите на состојбите бараат методологијата мора да биде објективна, транспарентна и во согласност со меѓународни стандарди. Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, препораките на Меѓународната организација на трудот (ILO) се добра основа, бидејќи овозможуваат пресметка на минималните трошоци на живот на репрезентативен начин, земајќи ги предвид сезоналноста, регионалните разлики и реалните потреби на едно семејство.
-Исклучувањето на артикли како цигари и алкохол е оправдано, но треба да се внимава да не се елиминираат и сезонски продукти кои реално се дел од секојдневната исхрана, посочува експертот во разговор за „Локално“. Сепак, посочува дека прашањето не е толку дали е потребна „нова“ кошничка, туку дали постојната се пресметува врз основа на релевантна методологија што ќе биде прифатена од сите засегнати страни.
-Само таков пристап може да обезбеди реална слика и доверба во податоците – без оглед дали ги објавува синдикатот или Државниот завод за статистика, посочува Миноски.
Целиот текст на Локално.мк











